Употребата на пластични садови, прибор за јадење и чаши, не е сигурнa колку што сметаат потрошувачите, без оглед на тоа дали на пакувањето на овие производи стои ознаката „без БПА“.
Ново истражување открива докази кои упатуваат на тоа дека користењето на пластика при јадење и пиење не е безбедно. Иако истражувањата биле правени врз глувци, научниците веруваат дека истите се релевантни и за луѓето.
Истражувачите откриле дека кај глувците, заменските соединенија за Бисфенол А предизвикуваат намалување на бројот на сперматозоиди и одржливи женски јајце клетки, што се пренесува и кај следната генерација.
БПА е ознака за хемиското соединение Бисфенол А кое се користи во пакувањата за храна и пијалаци од 1960 година. Се употребува и за изработка на тврда, транспарентна пластика.
Според стручњаците, соединението од амбалажата или од пластичните садови преминува во храната, особено ако пластиката е стара или оштетена.