Мицкоски изјасни се, сакаш ли да влезеш во ЕУ и НАТО како Македонец или ќе останеш сам и изолиран. Ваква порака упати Социјалдемократскиот сојуз на Македонија до лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
„На шест денови до рефереднумот за иднината, Христијан Мицкоски не само што нема став за најважното прашање, туку упорно негира се што и носи добро на Македонија. Мицкоски ги игнорира ЕУ и НАТО, не сака развој и не сака Македонија да оди напред“, смета СДСМ.
Преку соопштението, владејачката партија посочи дека референдумот на 30 септември е за интеграција во ЕУ и НАТО. Тоа го знаат сите и сите високи претставници на ЕУ и НАТО секојдневно упатуваат јасна порака дека прифаќањето на Договорот со Грција е услов за влез во ЕУ и НАТО и нема план Б.
„Без прифаќање на Договорот влезот во ЕУ и НАТО нема да биде возможен во наредените години, можеби и децении. Секој политичар што го оспорува овој факт – лаже. Јасно е дека Мицкоски нема план но Македонија има еден план, влез во ЕУ и НАТО. Затоа Мицкоски треба да престане да внесува конфузија во јавноста и јасно да каже како ќе се изјасни на 30 септември. Ако е толку слаб за да ја каже позицијата на партијата, треба да собере храброст и да ја соопшти барем сопствената одлука“, додаде СДСМ.