Поради остсутво на бранителите на обвинетите, денеска во Кривичниот суд не се одржа рочиштето за предметот на СЈО, „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска. Предметот „Тендери“ се однесува за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
Судијата Осман Шабани ги извести обвинителите дека судот добил поднесоци од адвокатите Еленко Миланов и Сашо Дуковски дека двајцата се спречени да присуствуваат на судењето бидејќи се единствени бранители на неколку обвинети во случајот познат како „Настаните од 27 април во Собранието на РМ“, што е притворски предмет. Шабани ги опомена бранителите дека доколку во иднина побараат одлагање ќе бидат санкционирани и им порача да си овластат заменици.
Според Кривичниот законик, доколку еден предмет што е почнат со судење и од едно до друго рочиште поминат 90 дена, треба да се започне одново, односно со презентација на материјални докази. Последното рочиште се одржа на 20 јуни, а следното што беше закажано за 13 јули се одложи поради болест на судијата Шабани. На 20 септември оваа година истече законскиот рок од 90 дена. На 4 октомври Шабани треба да одлучи како ќе се продолжи со предметот.
За денеска беа повикани сведоците Саша Боцев, Томче Божиновски и Душка Софрониевска за која беше доставена лекарска документација за породилно отсуство.
Според обвиниението дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.