Момче од Индонезија преживеа 49 дена на отворено море со пиење морска вода и јадење риба.
Алди Новел Адиланг ја чувал рибарската колиба на вода поставена на 125 километри од брегот, кога силни ветрови ги искинале јажињата на кои се држела и го однеле на отворено море во средината на јули.
Ветровите го носеле 19-годишното момче илјадници километри, до Гуам, каде го нашол рибарски брод.
Намената на рибарската колиба е да биде мамка за рибите, а работата на Алди била да ги пали светилките што ги привлекуваат рибите.
Секоја недела, некој од неговата компанија му носел залихи храна, вода и гориво и ги земал уловените риби.
Откако го однеле ветровите, почнале да му се намалуваат залихите храна, па ловел риба и ја печел на дрвените даски што ги корнел од колибата.
Според службите, момчето честопати било исплашено и плачело додека лутало низ отворено море, незнаејќи дали ќе преживее.
Секојпат кога ќе видел голем брод му се разгорувала надежта, но повеќе од 10 бродови го одминале без да го забележат.
На 31 август го спасил панамски брод во близина на Гвам.
Стигнал во Јапонија на 6 септември, а два дена подоцна се вратил во Индонезија каде повторно бил обединет со неговото семејство.