Парк шумата Гази Баба ќе добие фитнес зона
Нашата општина ќе ја добие првата фитнес зона во парк шумата Гази Баба во Железара. Денеска започнува поставувањето на реквизитите за спорт и рекреација, наменети за сите возрасти и спортисти, а дел од нив се адаптирани и за лицата со хендикеп. Опремата во фитнес зоната која е по светски стандарди е наменета за физичка кондиција на целото тело и ќе се простира на површина од 200 квадратни метри.
Овој проект ќе се реализира со помош на Агенцијата за млади и спорт и затоа им благодарам на поддршката.
Целта е граѓаните во своја близина да добијат место наменето за рекреација и спорт и тоа во природа, во парк шумата, која претставува природно богатство на општината, а бенефит за граѓаните. На овој начин, оваа парк шума ќе ја доближиме до граѓаните, да биде што подостапна за нив.
Во наредниот период, ќе биде посавена и друга опрема за одмор и рекреакција, ќе бидат проширени постоечките патеки кои ќе бидат и осветлени, со цел парк шумата Гази Баба да стане заедничко спортско катче. Но, ќе мора заеднички со граѓаните да работиме на одржување и зачувување како на реквизитите така и на парк шумата, за да ни служат што подолг период.
Во соработка со Град Скопје, во идниот период планираме дополнителни проекти со што би ја направиле вистинско рекреативно катче, не само за жителите на Гази Баба туку и пошироко изјави Борис Георгиевски градоначалник на општина Гази Баба.