Владата ќе следи и ќе реагира на лажните вести на социјалните мрежи за молкот
Сите вести и информации за време на молкот пред референдумот граѓаните да ги примаат со посебно внимание, да обрнат внимание на изворите од каде доаѓаат информациите и да прават проверка на секоја вест која им изгледа невообичаена и сензационалистички, апелираше денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
На денешната прес-конференција Бошњаковски рече дека Владата за време на молкот ќе ги следи информациите што се пласираат на социјалните мрежи и доколку утврди дека тие претставуваат лажни информации и пропаганда, на своите официјалните комуникациски канали на социланите мрежи ќе соопшти дека се неточни со цел да спречи да влијаат манипулативно врз граѓаните.
„Согласно препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и други меѓународни организации со цел обезбедување заштита на слободата на изразувањето и за сузбивање на лажните вести и пропаганда сакаме да укажеме дека Владата е целосно свесна дека просторот на социјалните медиуми е изложен на креирање на лажни вести и дезинформации со цел обид за манипулација на граѓаните на РМ. Имајќи ја предвид штетата врз јавниот интерес која може да настане од лажна пропаганда во текот на референдумскиот молк, Владата најавува дека нема да дозволи граѓаните да бидат изложени на лажни вести. Ќе ги проверува фактите и ќе ги презентираме како Влада пред граѓаните на РМ“, изјави Бошњаковски.
Во текот на референдумскиот молк, како што кажа, секоја објава која ќе биде детектирана дека е лажна или е дезинформација или, пак, е полувистина ќе биде на почетокот соодветно идентификувана и ќе биде објавено дека истата е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата: на твитер профилот @portparolnavrm, како и на официјалната фејсбук-страница на Владата.
Бошњаковски додаде дека Владата ќе го почитува предреферендумскиот молк и ќе се воздржи од активности кои се поврзани со референдумот и со изјаснувањето на граѓаните во наредните 48 часа, почнувајќи од полноќ.