Во Кривичниот суд за денеска закажани се рочишта за предметите на СЈО „Титаник 3“ и раздвоената постапка за „Тенк“.
На вчерашното рочиште вештото лице Тале Герамитчиески пред судот рече дека јавниот повик за набавка на блиндирано возило за потребите на Министерството за внатрешни работи ги содржел истите параметри со достапните каталози за Mercedes С600, вклучувајќи ги и техничките грешки од каталогот.
Тој на прашање на адвокатката Тања Алексиќ рече дека сличностите во јавната набавка и во каталогот биле толку очевидни што тие, како што додаде, направиле copy paste.
„Од наведените извадоци на техничките карактеристики од тендерот заклучив дека само кај мерцедесот С600 доаѓаат до 100 проценти точност називите наведени во јавната набавка, а кај возилата Audi и BMW имаат слични функции“, рече Герамитчиески.
Герамитчиески посочи дека Mercedes С600 спаѓа во категоријата на луксузен модел, а во периодот на набавка конкуретни му биле Bentley и Aston Martin, но во конкуренција на блиндирани возила му парирале Audi и BMW.
Претходно, сведочеше и Дејан Митревски-Урко, шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски кој рече дека возилата кои ги користеле за ВИП личности биле многу стари и оти во случај на дефект најчесто позајмувале возила од претседателот на Собранието, претседателот на државата и министерот за внатрешни реботи.
На претходните рочишта во раздвоената постапка за „Тенк“ беа изнесени материјални докази и сослушани сведоци. За истиот предмет веќе има обвинителна пресуда од две години затвор за поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото и шест години и шест месеци затвор за поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.
Судење денеска е закажано и за предметот „Титаник 3“ во кој се обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир „уништувале изборен материјал“.
Според СЈО, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и дека имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ.
Адвокатите на Аљими и Гури пред Судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат дека нивните клиенти не се виновни, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО.