Со досега најголема делегација од над 40 претставници, денеска, главниот политички преговарач, Бујар Османи, заминува во Брисел.
Европската комисија ќе го презентира првото поглавје од преговорите за правосудство и фундаментални права, поглавјето 23, со што и формално почнува скрининг процесот како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија.
Делегацијата ќе брои преку 40 претставници на преговарачката структура – поединци кои доаѓаат најмногу од правосудниот и безбедносниот сегмент, претставници од Министерството за правда придружувани од министерката Рената Дескоска, но и од други ресори.
Во објаснувачкиот скрининг предвидено е да учествуваат над 1000 луѓе, со што ќе се направи подготовка за втората фаза – билатералниот скрининг.
Поради потребата сите да се вклучат во преговарачкиот процес, вицепремиерот Османи пред неколку дена соопшти дека Владата распишува оглас на кој може да се пријават сите заинтересирани кои можат да помогнат во преговарачкиот процес.
„Ќе ни биде потребна севкупната експертиза во Македонија. Експертиза која може да дојде од академската заедница, граѓанскиот сектор како и секој сегмент од заинтересираната јавност. За таа цел денес објавуваме јавен повик за вклучување на секој заинтересиран, секој оној кој смета дека може да придонесе во оваа фаза, секој оној кој ќе се чувствува повикан да биде дел од преговарачкиот процес, соодветно да се пријави и да стане дел од нашиот регистар или база на податоци за надворешни експерти, кои може да бидат повикани во процесот на скрининг и преговори“, рече вицепремиерот Османи.
Посебниот советник на премиерот за евроинтеграции и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ ги охрабри сите заинтересирани да се пријават на огласот нагласувајќи дека е неопходно сите општествени сили да бидат вклучени во процесот.