Подготвени сме за партнерство со ЕУ, друга алтернатива Македонија нема
Денеска формално започна објаснувачкиот скрининг за Македонија и Албанија, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и Шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи, Министерката за правда Рената Дескоска и посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Македонија и главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ ја предводат владино – државната делегација, составена од 40 експерти, на која Европската комисија ќе и го презентира Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и Шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи и Министерката за правда Рената Дескоска имаа свои излагања при официјалното отворање на состанокот.
Вицепремиерот Османи посочи дека почетокот на скрининг процесот е историски момент и влез на Македонија во последната фаза во процесот на подготовка за преговори за полноправно членство во ЕУ.
„Европската и евроатлантската ориентација на земјата претставува точката на обединување на нашето општество уште од самата независност, а во процесот на приближување кон Европската Унија, неповратно се вградени сите претходни Влади, пренесувајќи ги интересите на земјата на своите наследници, кои продолжуваат онаму каде нивните претходници застанале.“
Османи и се заблагодари на администрацијата, граѓанскиот сектор и експертската јавност и упати повик за широка инклузивност во рамките на овој процес и ги истакна трите паралелни процеси по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.
„Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на Договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година“ .
Министерката Дескоска, рече дека делегацијата е подготвена да ги вложи напорите во процесот на скрининг, а потоа во процес на преговори, бидејќи овие напори се инвестиција во мир, просперитет, стабилност и безбедност, како инвестиција во развојот на демократијата и заштита на човековите права, инвестиција во безбедна и просперитетна иднина на Македонија.
„Почитувањето на човековите права, независното судство, владеењето на правото и демократијата не се само барања што треба да се исполнат при пристапувањето во ЕУ. Тие се, исто така, стратешките цели на Владата на Република Македонија. Тие се наши цврсти и недвосмислени цели. И ова беше потврдено во нашата Владина програма и во Плановите за реформи, План 369 и План 18.“
Дескоска потенцираше дека владеењето на правото не значи само усвојување на законодавство во согласност со ЕУ, туку и негова конзистентна имплементација на одржливи решенија.
„Нема да оставиме простор за сомнеж во политичка волја за реформите, за борба против корупцијата и криминалот, за заштита на човековите права, за зајакнување на независноста на судството, за замена на владеењето на човекот со владеењето на правото.“
Министерката Дескоска смета дека скринингот ќе помогне да се создаде нова реформска динамика која ќе ја унапреди консолидацијата на Македонија како стабилна, модерна демократија, која ги поддржува и го зајакнува владеењето на правото и целосно ги опфаќа европските вредности.
Посебниот советник на претседателот на Владата на Република Македонија за евроатлантски интеграции, Главен технички преговарач и Шеф на техничкиот преговарачки тим Бојан Маричиќ во своето излагање во рамки на отворањето на дводневниот состанок рече дека Македонија е прва меѓу земјите на Западен Балкан што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 г., доби статус на кандидат во 2005 г., но чекаше 13 години за отпочнување на преговорите. Маричиќ посочи дека исклучителните напори и динамика вложени на внатрешен план преку итните реформски приоритети, но и на надворешен план преку надминување на билатералните спорови ги отстранија пречките на патот кон ЕУ.