Пред собрание празно, “Бојкотирам” се предомислија за протестот
Од движењето „Бојкотирам“ соопштија на социјалните мрежи дека се откажува денешниот протест пред Собрание. Од таму тврдат дека тие не стојат зад најавата на протестот, туку дека бил закажан, како што велат, од инфилтрирани „служби на хунтата“.
„Инфилтрираните фанпејџи од хунтата се повратени вчера. Протестот што беше закажан на 27-ми е откажан, бидејќи ние не го закажавме, туку го закажаа службите на хунтата со цел најверојатно да испровоцираат некој поголем инцидент пред референдумот за Северна. Со инцидентот они би ја оцрниле иницијативата #Бојкотирам и би го заплашиле народот да излезе и да гласа за свое самоукинување“, соопштија од таму.
Од движењето додаваат дека фанпејџите се повратени кај вистинските луѓе од иницијативата, мрежата #Бојкотирам и движењето Млади За Македонија.
„Се извинуваме на сите фанови за забуната што се направи, но најбитното е иако доцна, сепак со многу труд и мака се ослободивме и ги изолиравме инфилтраторите. Потсетуваме на стратегијата на Стратегем која им ја работи владината кампања. Истата стратегија делумно беше успешна со инфилтрирањето, но сепак храброста и среќата нѐ послужи и инфилтраторите се изолирани и отстранети од двата фанпејџа. Единствено што им остана во нивна контрола е Твитер профилот на Млади за Македонија“, велат од „Бојкотирам“ и „Млади за Македонија“.
Сепак останува големиот собир кој движењето најави дека ќе се одржи на 30 септември. Собирот го нарекуваат голема прослава и ќе се одржи на деното на референдумот во 19 часот пред Собранието.