Обвинителот Стевчо Донев од специјалното јавно обвинителство денеска пред судот во завршните зборови од одвоената постапка за случајот „Тенк“ рече дека вината на обвинетата Гордана Јанкулоска се докажува преку изнесените телефонски разговори од кои може да се слушне како ексминистерката заедно со поранешниот премиер Никола Груевски и заменик-министерот Ѓоко Поповски ја договараат целата постапка за набавка на екстралуксузното возило при што се фаворизира оператор.
Донев истакна дека МВР навистина имало потреба од ново блиндирано возило и доказ за тоа е распишаниот тендер за набавка на старо блиндирано возило во вредност од 22 милиони денари со поминати 15 илјади километри.
За овој тендер до истекот на рокот не било пријавено ниту едно возило па од МВР наместо да ја повторат постапката со исти спецификации за бараното возило, оттаму се решиле да набават ново возило. Првично биле предвидени 15 милиони денари, што е помалку од првичната сума што била планирана да се издвои за половно возило, но потоа го зголемиле износот на 30 милиони денари.