Досегашните истражувања покажуваат дека колку луѓето се постари толку се посамоуверени и посреќни. Всушност, покажуваат дека луѓето во седмата деценија од животот се најсреќни. Зошто е тоа така?
Неколку фактори влијаат луѓето на возраст од 60 години да се чувствуваат посреќни отколку кога биле млади. Истражување спроведено во 2016 година кај повеќе од 1.500 луѓе на различна возраст го анализирало нивното физичко, когнитивно и ментално здравје. Откриено е дека луѓето во 20-тите и 30-тите години се најмногу изложени на депресија, стрес и анксиозност и се помалку среќни во однос на постарите.
Според психијатрите кои биле дел од студијата, животот станува постабилен кога ќе се мине тој период од животот. Самодовербата значително расте во 60-тите години поради стабилните животни околности, до овој период луѓето имаат воспоставено цврсти врски, постигнале успех во работата и ги израснале децата во независни личности.
За постарите луѓе среќата е спокој, смиреност, опуштеност. Друго истражување од 2004 година покажува дека мозокот е програмиран на помалку негативни емоции во староста.