Заштеда 100 милиони евра и ќе добиеме автопат по технички и меѓународни пропозиции
Со новите договори и со ревидирање на целосната проектна и техничка документација ќе добиеме автопат којшто во целост ги исполнува меѓународните стандарди, рече Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев при денешниот увид во градежните работи на автопатот Кичево – Охрид, којшто го изврши заедно со директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов.
„Овој автопат беше со сериозни потешкотии, и од аспект на техничка документација, и од аспект на неиспроектирани и незавршени проекти и се друго што не било испланирано, во смисла на клучки, тунели и регионални патишта за приклучување на населените места кон овој автопат. Потрошивме скоро една години, но тоа не беше залудно затоа што сите проекти ги доведовме во технички исправна состојба, како овој тунел што е скоро готов. Дополнително, ги намаливме цените меѓу кинескиот изведувач и македонските компании, разликата во цените претходно беше голема, над 50%, а сега таа е цена е намалена и ќе биде сведена на меѓународните фидик пропозиции, на околу 10%. Со сите овие заштеди, и на тунелот и на дополнителни работи, ќе направиме сериозна заштеда од првичните средства кои беа побарани до конечната вредност. Односно ќе заштедиме од 70 до 100 милиони евра“, изјави вицепремиерот.
Ревидирањето на работите на автопатот Кичево – Охрид како и склучување на нови договори со кинеската компанија, изведувач на проектот, беше направено согласно мислењата и консултациите од фидик експертите од Австриската агенција за патишта, одредени американски компании со големо искуство во оваа област и со експертите од Градежниот факултет во Скопје. Сите тие помогнаа во создавање на технички издржан и економски исплатлив проект и заедно со вработените во ЈП Државни патишта дадоа сериозен придонес за конечно овој пат да биде доведен во ред, и технички и финансиски.
„Мислам дека вредеше да се почека и овој пат да се стави и технички и финансиски во исправна состојба, да не правиме непотребни и непродуктивни трошења на средствата од граѓаните на Република Македонија. Направивме широки консултации, вклучивме широки технички и финансиски тимови, за да бидеме сигурни дека тоа што го правиме и од технички и од финансиски аспект е издржано. Со новиот пред-анекс којшто се очекува да се усвои, дефинитивно ќе се решат сите проблеми, а тоа значи дека ќе се направи јасна динамика според која ќе се врши експропријација, ќе се направи јасна динамика која ќе се стави гантограм по којшто ќе се извршуваат работите на автопатот. Тоа значи дека никој нема да ги толкува работите слободно, истите ќе се извршуваат како што налагаат фидик пропозициите и како што налагаат техничките критериуми“, дополни Анѓушев.
За директорот на Јавното претпријатие Државни патишта, Зоран Китанов автопатот сега конечно ќе овозможи нормално функционирање на меѓуградската инфраструктура, движење на граѓани со новопроектираните приклучоци за регионални и локални патишта и секако ќе значи голем бенефит за функционирањето на стопанството на државата.
„Ние можевме да продолжиме по истиот проект да го работиме автопатот, но во тој случај немаше да биде употреблив. Според тој проект од овде до Охрид не беше проектирана ни една клучка, ни еден сервисен или спореден пат. Сето ова сега конечно е доведено до степен кога најголем дел од проектите се веќе готови и што е најбитно, по многу поразлични и пониски цени од досегашните. Сега ќе имаме еден функционален автопат, направен според сите технички стандарди и финансиска исплатливост, за нормално движење на граѓаните и ефективно и непречено функционирање на економијата“, изјави Зоран Китанов.