Од незаконски прислушуваните разговори поврзани со изборите во 2013 кои се пуштаат на денешното рочиште за случајот „Титаник“ во кривичниот суд во Скопје, може да се слушне како поранешниот министер Миле Јанакиески договара превоз за Албанците од земјите низ Европа со цел да гласаат на локалните избори 2013 година.
Според разговорите, гласачите се носеле со автобуси и чартер летови од кои Јанакиески очекувал околу 3500 гласачи.
– Имаме 14 автобуси од Италија, 16 од Швајцарија и плус од Австрија и Словенија. Имаме уште 38 редовни линии. Само да не им прават проблем на граница, а 8 чартери до сега се сигурни, вели Јанакиески.
Во „Титаник“ обвинети се 21 лице, меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.