Јанакиевски: Триста доктори, само од Центар, гласаат за ВМРО-ДПМНЕ
„Триста комада доктори, само од Центар, гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Еден по еден се викани од сабајле. Со сериски бројчиња се. Списокот со имиња и презимиња ќе ти биде даден зихер, 100 посто се овие, да знаеш“, го известува непознат сопартиец на обвинетиот Миле Јанакиески, во продолжението на прислушуваните разговори што се пуштаат денеска во Основниот суд Скопје 1, за случајот на СЈО „Титаник“, за големи изборни нерегуларности.
Друг сопартиец му поднесува на Јанакиески рапорт на ден пред локалните избори и му вели: „400 вработени ми се на список, наши, плус од Телеком, плус Алек што ми даде друга група“.
„А како им се јавувате министре?“, бара совет од Миле непозната женска личност и тој ѝ објаснува:
„Има 66 избирачки места во Центар, на секое имаме кол центар. Тоа се 66 кол центри и им вртиме на луѓето од списокот. Овде во транспорт и врски на пример, контролираат кој излегол од Центар, кој не. Гласаат и секој од вработените во својот месен комитет оди да се потпише. Тоа е малце систем на контрола. Дупла контрола де“, ѝ објаснува Миле.
Понатаму во бомбите, Јанакиески разговара со поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевскa.
„Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура, вие ли сте?“, прашува Миле пред локалните избори во 2013 година.
„Не“, му вели изморено таа.
„Што ти е, добра си?“, прашува повторно Миле, на што добива кус одговор: „Ех“.
„Бети, има од Филхармонија многу вработени, жители на Центар. Е.М. И Б.П. да ми ги лоцираш, не се активни“, ѝ дава инструкции Миле.
„Добро“, прифаќа Канческа.
Потоа Јанакиески ѝ се јавува на обвинетата во „Титаник“, Билјана Бришковска-Бошкоски, тогашен заменик-министер за правда.
„Повелете, најдраг министре“, му крева телефон Бришковска.
„Двајца од Министерство за правда имаме од Центар, треба да ги потсетиш да гласаат. Д.Т. и С.З.“, ѝ вели Миле.
„Татко ѝ работи во Градско собрание, сече дрва. Многу е по сечењето дрва, нема шанса да не излезе на гласање“, му вели Бришкоска и потоа му се јавува и му вели: „Имаш 4 гласа од С.Т., поздрав!“.