СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ останува посветено на амнестијата за Груевски, амнестија нема да има!
Нелогичните барања како она за избор на нов Јавен обвинител, како и поднесувањето неосновани кривични пријави, се уште еден јалов обид на Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО ДПМНЕ да побараат амнестија за Никола Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ не знае да функционира во фер, слободни и демкратски услови и затоа постојано измислува непостоечки случаи дури и кога се знае дека првиот човек на ДИК е на предлог токму на ВМРО-ДПМНЕ.
Како ВМРО-ДПМНЕ на криминален начин спроведуваше избори и ја газеше волјата на граѓаните, покажуваат судските рочишта на кои јавноста може да чуе како претходното раководство се заканува, уценува и малтретира граѓани само затоа што не гласале за оваа партија.
Лагите на ВМРО-ДПМНЕ се демантирани од сите надлежни институции, како и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кадешто денот на референдумот беше оценет како мирен, спокоен и добро организиран, со мирнa кампања и постапки што се воделе непристрасно.
Граѓаните и институциите спроведоа мирен, демократски референдумски ден на којшто граѓаните гласаа слободно, без притисоци и по сопствено убедување. Она што е најважно, е што над 600 илјади граѓани, или над 91 процент од излезените граѓани јасно и недвосмислено се определија ЗА членство во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот со Грција.
Амнестија нема да има. Затоа, наместо да измислува непостоечки случаи Мицкоски треба да ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат последниот чекор во Собранието за членство на Македонија во ЕУ и НАТО и да ја следат војата на граѓаните.
Во спротивно Мицкоски ќе потврди дека е против ЕУ и НАТО, за изолација, неизвесност и неказнивост.