Точно напладне во кривичниот суд во Скопје треба да ѝ биде изречена пресудата на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“ на СЈО.
На последното рочиште од 3 октомври, обвинителството побара од судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања, како и да ги подмири трошоците заедно со Поповски и Груевски во висина од 313 илјади денари.
Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршен збор наведе, дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкулоска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да се даде на користење на премиерот Груевски. Jaнкулоска има право да не присуствува при изрекувањето на пресудата.
Јанкулоска е обвинета според член 353 став 5 за злоупотреба на службената положба и овластување. Законот предвидува ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот да се казни со затвор најмалку пет години.
За овој предмет веќе се осудени со правослна судска пресуда експремиерот Никола Груевски и помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, со 2 односно 4 ипол години казна затвор.