Сведок 27 април: Иванов требало да прогласи воена состојба и да апси
Никола Војминовски, осудениот во случајот со убиството во обид на Зијадин Села, влезе во судница како сведок за насилството од 27 април.
Пред судот Војминовски сведочеше дека поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов ги слушнал како зборувале дека единствен начин да се стави крај на парламентарното мнозинство е да се отворат вратите на Собранието. Дел од разговорот помеѓу нив бил и тоа дека решението е толпата да влезе внатре и Иванов да прогласи вонредна состојба.
„На протестите одев со Оливер Андонов. Ден пред упадот имавме средба со Љубен Арнаудов кај Собранието. Зборуваа со Андонов дека единствено решение на тие случувања е токму она што се случи на 27 април. Дека ќе ги отворат вратите и тоа се случи“, сведочеше Војминовски.
Тој во својот исказ дополни дека по протестите на 27 април на мобилен му се јавил Арнаудов и му рекол да влегуваат внатре во Собранието. По ова му се јавил и Дарко со кого претходно контактирал и му рекол: „Абе брат, каде сте, почнаа да влегуваат внатре“. За состојбата во Собранието Војминовски рече дека била хаотична. Додека барал излез, го сретнал пратеникот Сашо Василевски кој пак му кажал да оди кај Љубен од кој добил насоки да оди кон лицата со радиоврски, оружје и значки, сведочеше Војминовски.
„Полиција имаше, но народот слободно влегуваше. Отидов кон Собранието и го видов Василевски. Го прашав што се случува, пријдов кон Арнаудов и ги прашав што е овој хаос. Ме прати кон лицата со радио врски, оружје и значки. Имаше и лица кои беа дел од обезбедувањето на Груевски и други лица со значки на нив кои одеа низ Собранието“, сведочеше Војминовски.
Адвокатот Донче Наков пред судот рече дека ќе испрати писмен приговор до судот за исказот на овој сведок, бидејќи според адвокатот, има многу законски пропусти во сослушувањето на Војминовски.
За денес за овој случај ќе сведочи уште едно лице.