Манчестер Јунајтед веќе трета сезона се обидува да изгради нов идентитет со Жозе Мурињо на клупата, но времето како да истекува за еден од најуспешните тренери од последните 15 години. Пред викендов бордот изгледаше решен да направи промена на тренерската позиција, но нивниот избор број 1 ги натера на двоумење.
Карактерот кој го покажаа играчите на Манчестер Јунајтед во второто полувреме од натпреварот против Њукасл викендов за момент ја врати насмевката на лицето на Мурињо, но тој сигурно не може да биде задоволен од фактот што неговиот тим прими два гола за само десетина минути од најлошиот офанзивен тим во лигата.
Дел од бордот на Манчестер Јунајтед останува решен да го отпушти Жозе Мурињо и да го назначи Зинедин Зидан за нов тренер, но условите на Французинот ја отежнуваат ситуацијата за едногласна одлука на раководството.
Според разговорите на агентот на Зидан со раководството на Манчестер Јунајтед, ако тој ја преземе тренерската функција во клубот ќе бара да има целосна контрола над сите трансфери – оние кои доаѓаат и оние кои заминуваат од Манчестер. Тоа е комплетно спротивно на досегашната политика на клубот, кој инсистираше Ед Вудвард да биде одговорен за трансферите и маркетиншкиот дел од управувањето на клубот.
Ниту Мурињо не доби контрола на трансферите, иако Манчестер Јунајтед вложи толку многу време и пари во него. Можеби токму тоа е проблемот на клубот – не тренерот, туку инаетот на раководството. Останува чуден фактот што бордот постојано се обидува да ја одржува контролата над сето она што се случува во клубот, со што значително го скратуваат влијанието на тренерот.
„Не мислам дека Зидан ќе преземе клуб од Англија. Тоа не е негов стил. Разговарав со него и засега тој не е заинтересиран за таков потег. Ми рече дека ќе одмори една година пред да одлучи која ќе биде негова следна дестинација“, вели агентот на Зидан, Алан Миљачио.
Жозе Мурињо и понатаму останува првиот избор на Ед Вудвард, кој силно верува дека Португалецот е вистинскиот човек за работата. Резултатите од почетокот на оваа сезона не се сјајни за Манчестер Јунајтед, но можеби репрезентативната пауза е токму она што ќе го поттикне тимот да игра подобро.