Еврокомесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан изјави дека е запознаен со закани кон пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат да ја напуштат партиската позиција и да ја поддржат Владата во Собранието.
Коментирајќи ги актуелните политички состојби во земјава, Хан изјави дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се откаже од деструктивниот пристап и да дејствува во согласност со интересите на земјата, а не со партиските интереси.
„Ова е неприфатливо за партија која се декларира како проевропска и демократска“, рече Хан и додаде дека ако не се искористи шансата можеби ќе биде изгубена засекогаш, а ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосно одговорна за таквото сценарио.
Хан смета дека повиците за бојкот сведочеле за недостаток на демократска зрелост и оцени дека референдумот бил консултативен, а мнозинството од граѓаните се изјасниле „за“.
Според Хан, предвремените избори носат ризик од пробивање на роковите за договорот во грчкиот парламент, а истовремено верува дека изборите не се гаранција за потребното дво-третинско мнозинство.