Актуелниот македонски првак Вардар донесе ново име во своите редови, германскиот репрезентативец Кристијан Дисингер со кого се потпиша двегодишен договор.
Овој потег на „црвено-црните“ дојде неочекувано, но истиот е доказ дека и понатаму амбициите се големи и дека клубот и понатаму ќе игра значајна улога во Европа. Овој трансфер многу му значи и на самиот Дисингер кој воопшто не го криеше своето воодушевување посочувајќи дека доаѓа во Скопје за да помогне и да игра пред најдобрите навивачи на стариот континент.
Дисингер воедно испрати и една порака преку социјалните мрежи, порака која верувале или не беше испишана на македонски јазик, потег со кој дефинитивно уште на самиот старт ги освои симпатиите на навивачите и публиката во Скопје и Македонија.