Заврши распитот на Томе Аџиев во СЈО за случајот „Моќник”
Поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев по нешто повеќе од еден час го напушти Специјалното јавно обвинителство, каде беше повикан на распит за случајот „Моќник“.
Според СЈО Аџиев на барање од пратеникот Антонио Милошоски спровел лустрација на судија од Кичево, по што му било забрането да ја врши дејноста.
Случајот „Моќник“ СЈО го најави во март годинава и се однесува за вкупно 13 лица, меѓу кои пратеникот Антонио Милошоски, неговиот татко и тогашниот градоначалник на Општина Македонски Брод.
Пратеникот Милошоски го навел градоначалникот да го изманипулира Советот на општина Македонски Брод и на неговиот татко да му го продаде објектот во селото Ижиште во кое била сместена општина Пласница. Откако градоначалникот разбрал дека е изманипулиран побарал постапката да биде преиспитана.
За да му се одмазди на градоначалникот Јајовски, пратеникот му праќал инспекции во неговата компанија „Пуцко петрол“, а судијата кој го судел случајот го лустрирал и му било забрането да ја врши дејноста.
За продажба на објектот било организирано јавно наддавање кое градоначалникот не го објавил во Службен весник и единствено на него се јавил таткото на пратеникот кој го купил објектот за 670 денари повеќе од почетната цена. Потоа со измама во катастар успеал да го внесе објектот на свое име, а му било продадено и државно земјиште по цена од 100 денари за метар квадратен иако пазарната цена изнесувала 400 денари. На тој начин се стекнал со противправна имотна вредност од милион 795.800 денари, како и милиони 176.000 денари за купување на земјиштето.
Кога разбрал градоначалникот на Општина Пласница, Исмаил Јајовски дека е продаден објектот во кој е сместена општината побарал од Владата да ја испита ситуцијата, и комисија утврдила дека се направени многу пропусти при продажбата и дека општината продала имот што е на државата.