Бранителите на Никола Груевски поднеле иницијатива за испитување на уставноста на членови од Кривичниот законик врз основа на кои се терети поранешниот премиер од редовите на фамилијата, изјави Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
„Со иницијатива до Уставниот суд се обидуваат да ја оспорат уставноста на Кривичниот законик, односно членот 353 став 5, кој се однесува на злоупотреба на службена должност. Иницијативата има за цел одговорноста за неправилностите во јавните набавки да се префрли врз Комисијата за јавни набавки, а со тоа Груевски и неговите соработници, да бидат ослободени од одговорност“, рече тој.
Истовремено, додаде Костадинов, се бара предметите што се водат во моментов, а се однесуваат на кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластување, да бидат запрени сè додека Уставниот суд не се произнесе.
„Ова не е ништо друго освен последен, јалов, очајнички и правно неписмен обид за амнестија на Никола Груевски и неговите соработници. Со ова се потврдува дека единствена цел на Мицкоски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е амнестија на криминалот на Никола Груевски. Христијан Мицкоски, претходно и сегашно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, треба да знаат дека амнестија нема да има“, рече Костадинов.