Охридската и струшката полиција изминативе дена спровела акција за приведување лица кои со пресуда од основни судови биле осудени на затворска казна.
Од Струга и неколку струшки села приведени се четири лица кои го избегнувале издржувањето казна затвор, а за нив била распишана централна потерница. Станува збор за осудени за силување, измами и трговија со оружје и луѓе.
Како што информира полицијата, на 11 октомври во струшкото село Корошишта е приведен Б.Д.(43), кој бил во бегство и ја избегнувал затворската казна од десет месеци изречена од Основниот суд Охрид за сторено кривично дело „силување“. Тој бил префрлен во Казнено-поправната установа „Струга“.
На 13 октомври во Струга бил приведен И.М.(47) од струшкото село Радолишта. Тој бил во бегство, а бил осуден од Основен суд Охрид на две години затворска казна за кривично дело „измама“, како и на затворска казна од една година изречена од Основен суд Гостивар за кривично дело „спречување на овластено службено лице во вршење службено дејствие“. Тој бил префрлен во Казнено-поправната установа „Идризово“.
Истиот ден, во струшкото село Ливада бил приведен Д.У.(30) од селото Корошишта, кој за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје, распрскувачки материи “, од Основниот суд во Струга, бил осуден на тригодишна затворска казна. Тој бил префрлен на издржување на казната во Казнено-поправната установа „Струга“.
На 14 октомври, по распишана централна потерница од Основниот суд Скопје 1, во струшкото село Франгово бил приведен Р.И.(32) од истото село. Тој бил приведен за сторено кривично дело „трговија со луѓе“, по што бил префрлен и предаден на овластени службени лица во Основниот суд Скопје 1 за натамошна постапка.