Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, oствари средба со делегацијата на Министерството за правда и безбедност на Кралството Холандија, претставено од Арјен Таселар, шеф на Одделението за меѓународни односи и проекти, и Ханс Јонкхер, координатор за меѓународни односи на Западен Балкан и пристап кон ЕУ.
На средбата се разговараше за можностите за поддршка на реформскиот процес во земјава, особено во обезбедување експертиза за клучните области, како што се правосудство, фундаментални права, владеење на правото, безбедноста.
„Еден од нашите највисоки предизвици претставува одржувањето на реформскиот моментум, согласно со насоките од јунските самити на ЕУ, особено во делот на реформа на правосудството и обезбедување на принципот на владеење на правото“, истакна Османи за време на средбата со претставниците од Министерството за правда и безбедност на Холандија, посочувајќи на успешно започнатиот процес на набљудувачки скрининг токму со поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.
„Холандија претставува еден од најцврстите поддржувачи на Република Македонија и нашите интегративни процеси, но и земја со која традиционално имаме исклучително успешна соработка. Оваа поддршка секако ја очекувам и сега кога земјата се соочува со предизвикот да го затвори прашањето за евро-атланската перспектива и да ги почне преговорите за членство во ЕУ,“ изјави Османи и изрази благодарност за понудената соработка и експертиза од страна на Холандија, во процесот на адресирање на неопходните реформи.
На средбата Османи реферираше и за актуелните политички состојби, изразувајќи уверување дека актуелните политички предизвици нема да ја загрозат реформската агенда на Владата, а предвидените реформи ќе бидат навремено имплементирани.