Судијката Добрила Кацарска која го води случајот за насилниот упад во Собранието на Република Македонија кој се случи на 27 април минатата година, ја исклучи јавноста од денешното рочиште на кое за немилиот настан ќе сведочи загрозениот сведок ЕС1.
„Заради заштита на безбедноста на сведокот постоењето опасност да се открие неговиот идентитет согласно членот 354 од ЗКП се исклучува јавноста од сведочењето. Присутни на рочиштето можат да бидам само претставници од ОБСЕ и претставници од амбасадата на САД“, рече судијката Кацарска.
Меѓу обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се: поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, пратениците Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, како и предводниците на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски.
Обвинети се и Горан Ѓошевски – Леви, личното обезбедување на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, разрешениот ексначалник во МВР Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, собранискиот обезбедувач Абдулфета Аљими, Јане Ченто, претседателот на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, началниците во МВР – Душко Лазаров и Митко Пешов, Горанче Ангеловски – Ќосето, Александар Василевски – Нинџа, Митре Питроповски.
Судијката Добрила Кацарска, која постапува по предметот, закажа уште 50-ина рочишта до крајот на јануари 2019 година. По сослушувањето на загрозениот сведок ЕС1, на следните рочишта ќе бидат изведени доказите, меѓу кои се и снимките што ги обезбедило Обвинителството што го застапува предметот.