Премиерот Заев на средба со директорката на Евростат Коцева
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска во просториите на Економскиот факултет во Скопје имаше средба со генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Семуел Жбогар.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се разговараше за големиот исчекор направен во доближувањето кон европските стандарди со денешното потпишување на Декларацијата за за посветеност кон доверба во официјалната статистика од страна на премиерот Заев.
Заев изрази голема благодарност до генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева за големата чест што ни ја покажуваат со одлуката да бидат присутни во Република Македонија на одбележувањето на Денот на европската статистка.
– Свесноста во општеството за важноста на статистичките податоци расте. Колку е подобар квалитетот на статистичките податоци толку подобри и поодржливи политики ќе се креираат. Во таа смисла Декларацијата што денес ја потпишавме ја покажува нашата цврста заложба да го помогнеме процесот за унапредување и развој на интегриран статистички систем усогласен со европските правила и стандарди, порача премиерот Заев, кој потенцираше дека треба да се земат во предвид и предлозите на научната јавност за зголемување на бројот и опфатот на статистички податоци што ќе бидат обработувани и достапни за јавноста.
Директорката Коцева, како што се наведува, порача дека Евростат ќе ја пружи сета потребна помош и поддршка во скрининг процесот на земјата и понатаму во процесот на преговори за членство во ЕУ.
На средбата беше заеднички констатирано дека дополнително за унапредувањето на квалитетот на статистичките податоци неопходно е да се испланира и спроведе кредибилен и доверлив процес на попис на населението, се посочува во соопштението.