Македонија ќе стане членка на ЕУ и НАТО без разлика на деструктивното и антидржавно однесување на Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, наведуваат во соопштение од СДСМ.
„Отвореното писмо од помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија во Стејт депаретментот, Вес Мичел, е последниот доказ дека целиот демократски свет, партнерите и сојузниците на нашата татковина, сакаат да ја видат Македонија како стабилна и безбедна држава, полноправна членка на ЕУ и НАТО“, наведуваат од владејачката партија.
Според СДСМ, само врвот на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се против интеграција и, како што велат, сакаат да ја вратат држава во темното минато на изолација и неизвесност.
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се разочарување, но сега секој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ има шанса со поддршка на процесот во Собранието, на дело да покаже дека навистина е за членство во ЕУ и НАТО, дека навистина се за остварување на врвните стратешки државни и национални интереси“, се наведува во партиското соопштение.
Во него се додава дека доколку раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски продолжат со своето деструктивно однесување и по секоја цена ја блокираат иднината, тогаш следуваат предвремени парламентарни избори, веднаш, на кои граѓаните ќе одлучуваат за својата иднина.