Грчката опозиција оцени дека Владата е пред распад
Договорот од Преспа ја зеде првата жртва од грчката влада. Шефот на дипломатијата Никос Коѕијас попладнево поднел оставка од функцијата, објави грчки Катимерини, потврдувајќи ги шпекулациите дека тој уште вчера на владината седница се заканил дека ќе ја напушти владата. Главна причина, според грчките медиуми, е тоа што Коѕијас наводно не ја добил очекуваната поддршка од Ципрас, кога влегол во жестока кавга со министерот за одбрана Каменос околу различните позиции за спорот за името и околу тоа кој е надлежен за надворешната политика на земјата, алудирајќи и на алтернативниот план на Каменос за договорот од Преспа, што самостојно го презентирал во Вашингтон. Можноста за оставка во грчката влада денеска ја навести и владиот портпарол.
Според грчките медиуми, чашата ја прелеал Каменос, кој го обвинил Коѕијас за лошо управување со тајните фондови во неговото министерство, како и дека бил човек на Џорџ Сорос, обвинувања на кои Ципрас наводно премолчел. Грчката опозиција оцени дека Владата е пред распад и дека досега не се случило премиер да ги моли министрите да не ја урнат владата и рамнодушно да ги гледа како се обвинуваат. Грчките медиуми прашуваат дали Ципрас го жртвуваше потписникот на Договорот од Преспа за да го задржи Каменос и владината коалиција.
-Каменос го истакна своето несогласување во однос на Договорот, но се согласи дека нема да ја поддржи опозицијата да ја дестабилизира земјата. Владата мора да биде единствена до завршувањето на мандатот од четири години., изјави Димитрис Ѕанакопулос.
Ројтерс вчера објави дека Ципрас веќе ги обезбедил неопходните 151 пратеник во Собранието, без воопшто да смета на поддршката на тврдиот Каменос.
Пожарот, наречен Каменос, сепак го доживеа првиот сериозен удар, откако неговата сопартијка, министерката за туризам, Елена Кундура, токму за време на владината седница испрати твитер порака дека ќе гласа за Договорот од Преспа. Владиниот портпарол уверува дека владата сепак ќе го издржи мандатот до следната есен.