Осомничениот за нападот на колеџ во Керч, Крим е идентификуван како студентот Владислав Рослјаков. Во нападот тој усмртил 19 луѓе, повредил повеќе од 50, а потоа се самоубил.
Руските медиуми пишуваат дека напаѓачот се запишал на студии во 2015 година, а пред некој период добил и дозвола за оружје. Засега не е познат мотивот за нападот. Истрагата е во тек. Телото на убиецот е пронајдено во библиотеката на вториот кат.
Не е познато зошто срамежливиот осаменик Владислав Рослјаков го направил ова дело. Објавени се снимки од безбедносните камери од кои се гледа како момчето оди низ колеџот со пушката во раце и ладнокрвно пука во студентите и професорите. Неговата мајка Галина Рослјакова, медицинска сестра, помагала во лекувањето на повредените, несвесна дека нејзиниот син е убиецот и виновникот за крвопролевањето на Политехничкиот колеџ, ниту пак знаела дека тој веќе е мртов.
Првичните информации дека станува збор за терористички чин сега се сменети и истражниот одбор го води ова злосторство како масовно убиство. Рускиот претседател Владимир Путин повика на минута молчење во чест на жртвите, повеќето од нив студенти. Директорката на колеџот претходно изјави за медиумите дека низ зградата насекаде лежат тела на мртви деца.
Сè започна со експлозија во кантината на колеџот, експлодирала направа наполнета со метални делови и затоа има многу повредени. Војската испрати 200 војници на местото на настанот и десетина возила и хеликоптери за да се помогне на повредените, додека Министерството за вонредни ситуации испратило и неколку хеликоптери и транспортен авион со психолози и спасувачи.
Сведоците на настанот го опишуваат како масакр.
„Видов ранети луѓе, деца и возрасни, без раце и без нозе“, вели сведокот Сергеј, додавајќи дека жртвите и повредените биле пренесени во болница со автобуси и минибуси.
Други сведоци кои го познаваат убиецот, велат дека го мразел колеџот и „злобните“ професори.