НАТО: Македонија има историска можност да влезе во евроатлантското семејство
Портпаролката на генералниот секретар на НАТО Оана Лунгеску по почетокот на пристапните преговори за членство на Македонија во Алијансата, изјави за МИА дека денешниот настан е важен чекор за Македонија и оти земјата сега има историска можност да стане дел од евроатлантското семејство ако се имплементира Договорот со Грција.
– Земјата одбележа важен чекор денеска со започнувањето на дводневните пристапни преговори во седиштето на НАТО, изјави за МИА Лунгеску.
– Преговорите ја покриваат безбедноста, одбраната, политичките, правните и финансиските прашања како и целите и роковите кои Скопје треба да ги исполни за време на и по зачленувањето. Ова е продолжување на работата на пристапниот процес кој започна во јули по поканата на сојузниците на Самитот во Брисел. Скопје има историска можност да го спроведе Договорот за името и да ја внесе земјата во евроатлантското семејство. Ова ќе помогне да се консолидираат мирот и стабилност ширум Западниот Балкан, изјави Лунгеску за МИА.
Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, ја отворија денешната сесија со помошник генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алваргонзалес, и со тимот на НАТО за преговори со Македонија