Сега се гласа за предлогот на Владата за пристапување кон менување на Уставот, а до гласањето има многу време, вели координаторот на пратеничка група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој заедно со целата пратеничка група ги повика колегите да гласаат за уставните измени.
„Овој парламентарен состав има единставена шанса да обезбеди иднина за ЕУ и НАТО. Над 90 посто на референдумот покажаа дека се за ЕУ и НАТО. Како пратеници имаме одговорност да ги усвоиме уставните измени за заштита на идентитетот, кои обезбедуваат просперитетна ЕУ иднина. Сите ние ја повикуваме опозицијата посебно ВМРО-ДПМНЕ да се еприклучи. Секој друг предлог е нова изолација за државата. Македонија припаѓа на ЕУ без разлика што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има проблем со тоа. Тој е полош од Никола Груевски, тој се однесува антизападно и отворено се кара со нашите стратешки партнери. Пратениците да се издигнат над тоа. Сега е моментот на дело да се покаже и да ги поддржат уставните измени“, порача Тунтев.
Тој додаде дека доколку раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжи да блокира, неизбежни се избори веднаш.
„Веруваме дека утре ќе има двотертинско мнозинство, ќе покаже гласањето. Од дискусиите се виде дека ниту еден пратеник не е против ЕУ и НАТО. Очекуваме утре да заврши дебатата, но можеби ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат, па ќе дискутираат. По исцрпување на дискусијата ќе се пристапи кон гласање“, појасни Тунтев.
Седницата за уставните измени ќе продолжи утре. Претходно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од правото на дискусија и повика на гласање по предлогот на Владата за уставни измени.