Јанакиевски во „Титаник“: Дајте налог од куќи да земаат луѓе што не излегле да гласаат!
По притисоците врз секој вработен во администрацијата, врз свои партиски членови и нивни роднини, вработени во приватни фирми и компании, обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески паѓа во очај од резултатот од излезноста во општина Центар на локалните избори во 2013 година. На крајот на денот му доаѓаат нови идеи, неслушнати во досегашните над 550 прислушувани разговори пуштени на судењето за предметот на СЈО „Титаник“.
„Дајте налог од по куќи да се земаат луѓе што не излегле да гласаат!“, наредува Миле.
„Добро“, му вели соговорник со тивок глас.
Станува сè поочаен од големата излезност на „комуњарите“, како што вели, и му текнува нова идеја.
„Јавете кај претседателите на месните комитети. Да им дадете насока да завртат кај секој наш член со текст: ’Ви благодариме што излеговте да гласате за ВМРО-ДПМНЕ, ве молиме за голема победа на ВМРО-ДПМНЕ да обезбедите уште еден гласач“, ѝ вели Миле на соговорничка.
Таа ја запишува на лист долгата молба што треба да ја испрати до месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа се јавува уште на 5 места, им го диктира по телефон истиот текст. На крај вели: „Ве молам, кај сите учителки да се јавите и да им го кажете ова“.