Ако не можете да го замислите денот без утринско кафе, тоа е во ред, но ако го пиете од навика, а сте свесни дека не ви годи толку, можеби сакате да се ослободите од зависноста од кофеин, или докторот ви препорачал да престанете да пиете кафе поради одреден здравствен проблем?
Без разлика за која причина станува збор, ако сакате да го замените првото утринско кафе со некој друг пијалак, еве неколку здрави алтернативи:
Зелен чај
Различни независни истражувања покажаа дека овој чај ги ублажува симптомите на алергија, поволно влијае на видот, го намалува холестеролот и ризикот од кариес, помеѓу другото.
Зелениот чај содржи помалку кофеин и повеќе антиоксиданси од кафето, па покрај тоа што ќе направите нешто добро за своето општо здравје, со пиењето на една шолја од овој напиток, не морате да се грижите дека евентуално ќе станете зависник од кофеин, бидејќи го нема во доволни количини за тоа да се случи.
Помалку кофеин значи и помал ризик од „предозирање“ со кофеин, кое е често проследено со непријатни симптоми како главоболка и пореметување во спиењето.
Кефир
Ако имате проблеми со системот за варење, кефирот е многу подобар утрински избор од кафето. Кефирот е ферментиран млечен производ, кој поволно влијае на дигестивното здравје бидејќи е многу богат со пробиотици.
Овој пијалак содржи повеќе различни видови на добри бактерии и во поголеми количини отколку што ги има во јогуртот.
Лимонада
Ако го започнете денот со лимонада без шеќер, тоа е одличен начин да го хидрирате организмот после цела ноќ помината во сон, без внесување на течности. Важно е само лимонадата да ја направите непосредно пред да ја испиете и да користите млака вода. На тој начин, денот ќе го започнете со витамин Ц и полифеноли, а тоа е одлична работа за вашиот имунитет, но и за добар тен на кожата.
Смути
Ако одберете смути наутро, водете сметка да не претерате со количината на овошје, за да не ви се зголеми шеќерот во крвта уште рано наутро. Едно парче овошје и повеќе зелен зеленчук како што е спанаќот е одлична комбинација.
Во смутито можете да додадете и малку протеини, на пример јогурт или малку млеко, а парче авокадо никогаш не е лоша идеја, бидејќи така ќе ги внесете и неопходните здрави масти.