Независниот синдикат на полицијата бара 20 отсто поголеми плати од јануари 2019
Независниот синдикат на полицијата бара еднократно покачување на платите за 20 проценти од јануари 2019 година наместо зголемувањето на платите што го најави министерот за внатрешни работи кое, според синдикатот, ќе изнесува од 400 до 700 денари.
– Наближува времето кога во Собранието на Република Македонија треба да се достави Предлог-буџетот за 2019 година. Затоа наместо срамното покачување од 400 денари по полицаец, бараме за сите вработени во Министерството за внатрешни работи еднократно покачување на платите за 20 проценти од јануари 2019 година, изјави денеска портпаролот на синдикатот Дејан Саздов пред Министерството за внатрешни работи.
Независниот синдикат на полицијата прашува и зошто министерот за внатрешни работи не сака да ги признае за репрезентативен синдикат иако имаат околу 3.000 членови кои, како што изјави Саздов, бараат да се штрајкува се до исполнување на нивните барања.