Бројот на жртви во вчерашниот напад на колеџот во Керч на Крим пораснал на 20, соопштила министерката за здравство на Русија, Вероника Скворцова.
“Загинале 20 лица, меѓу кои 15 студенти и 5 вработени на факултетот. Од 15 настрадани студенти, 11 биле малолетни”, рекла Скворцова.
Министерката навела дека биле хоспитализирани 44 лица и дека се здобиле со “различен степен на повреди”.
Локалниот службеник Дилјавер Мелгазијев изјавил дека сите жртви биле идентификувани.
Како извршител на нападот бил идентификуван студентот Владислав Рослјаков.
18-годишниот Владислав минал низ зградата на колеџот пукајќи на студенти пред да се самоубие.
Властите соопштиле дека случајот го водат како масовно убиство, а не тероризам, на првобитно се сомневало.
Рускиот истражен комитет наведува дека сите убиени во нападот страдале од прострелни рани, иако претходно имало информации дека се случила експлозија на бомба со рачно производство.