Путин: Нападот на Крим е резултат на онлајн глобализацијата
Трагедијата на Политехничкиот колеџ во кримскиот град Керч, помеѓу другото, е резултат на глобализацијата преку социјалните мрежи и интернетот, со многу штетни содржини за младите луѓе, изјави рускиот претседател Владимир Путин, еден ден по нападот при што загинаа 21 лице, а 44 се повредени.
– Вчерашната трагедија очигледно е резултат на глобализацијата, помеѓу другото, колку чудно да изгледа тоа. На социјалните мрежи и на интернет гледаме како таму се формираат заедници. Се почна со добро познатите трагични настани во училиштата во САД, посочи Путин.
Во меѓувреме, кримските власти ја испитуваат можноста дека напаѓачот имал соучесници.
Иако првично беше објавено дека 18-годишниот Владислав Росљаков сам го извршил нападот, властите веруваат дека некој му помагал во подготовките.
Росљаков вчера влезе во колеџот и почна да пука врз присутните, а потоа се самоуби. Случајот се води како масовно убиство, а не тероризам.