Во кривичниот суд во Скопје утрово продолжи судењето за предметот „Титаник” каде во судницата ќе бидат пуштени 500 необјавени телефонски разговори за изборни измами.
На еден од телефонските разговори направен на денот на локалните избори, 24. март 2013 година се слуша како ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, се распрашува за динамиката на гласањето на Ромите во Центар и останатите општини.
„Како одат циганиве, горе на Кале ги влечат а? До 5 да си ја завршат работата да не чекаат покасно“, вели Јанакиески во разговор со активист од ВМРО-ДПМНЕ.
Од разговорите исто така може да се слушне како Јанакиески им вели на претседателите на месните комитети да ги притиснат членовите и пензионерите да „носат“ гласови.
„Нека вртат, нека вртат по пензионери, Комити-момити, нека излегуваат“, вели Јанакиески.
Покрај излезноста на изборите, главен проблем на ексминистерот и сопартијците биле активистите и членовите на СДСМ кои, како што може да се слушне од разговорите, биле насекаде низ избирачките места.
„Кај ‘Апче’ и во Гази Баба има многу комуњари, да ги казнеме некако“, предложува Јанакиески.
Во „Титаник“ обвинети се 21 лице, меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.