Јанушев: На пратеници им се нудеа милион евра за да гласаат
ВМРО-ДПМНЕ избра борба против неодоговорната власт, рече вечерва генералниот секретар на опозициската партија, Игор Јанушев, на прес-конференција.
Тој нагласи дека структури на власт и нивни одработувачи вршат притисок врз пратеници.
„Собранието стана пазар и арена за уцени. Се апси поради полициски прогон и тргуваат со слободата, ветуваат награди за послушните, заплашување врз семејства на пратеници за да гласаат. Парламентот е опкружен со ликови со бричени глави, кои му се познати на подземјето. На еден пратеник му понудија милион евра за да гласа, на друг 250 илјади евра, а на трет 2 милиона евра. Сето ова е одбиено“, истакна Јанушев.
Тој до пермиерот Заев упати прашање дали има алал во ваквите постапки.
„Свесен ли сте во каков амбис ја водите државата? Ова е преседан, не е ова за европска Македонија, ова е диктатура и насилство. Да им дадам признание на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не потклекнаа“, истакна генералниот секретар на партијата.
Тој сепак не сакаше да открие на кои пратеници им се нуделе пари и побара Обвинителството да истражи.