Собраниската седница за уставни измени треба да продолжи во 21 часот
Не се знае дали ќе се гласа или пак ќе продолжи дискусијата за која се останати уште десетина пратенци од мнозинството. Седницата прво беше закажана за 12 часот, но попладнето претседалот Талат Џафери ја одложи за 15 часот, но и тој рок се проби. Неизвесно е дали е обезбедно потребното двотретинско мнозинство за да се изгласа предлогот за потреба од пристапување кон уставни измени во врска со Договорот со Грција.
Пратениците и на власта и на опозицијата се во Собранието, може да се видат низ собраниските ходници како влегуваат во канцелариите, а по некој пратеник периодично се појавува и во пленарната сала.
Во Собранието е и Никола Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва соопшти дека пратеничката група апелира до „надлежните институции, особено до Јавното обвинителство, да ги испитаат наводите изнесени во повеќе медиуми во текот на денот дека врз неколку пратеници во Собранието е вршен притисок и дека преку уцени, закани или понуди за поткуп се влијае врз нивната одлука за гласањето во однос на Уставните измени. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата потенцира дека никој во Собранието, ниту надвор не смее да врши притисоци врз пратениците“.
Кусо пред 15 часот, за кога беше најавено продолжението на седницата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, зборувајќи во име на пратеничката група на неговата партија и коалициските партнери, го повика претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш да го стави на гласање владиниот предлог за пристапување кон уставни измени.
„Поминаа 19 дена од неуспешниот референдум организиран од власта на кој што народот се изјасни дека нема мандат за уставни измени. Власта одолговлекува со гласањето и бараме од Талат Џафери без дополнително одлагање да ја стави точката на гласање и да види владејачкото мнозинство дека нема двотретинско мнозинство да покрене иницијатива за уставни измени“, изјави Милошоски на прес-конференција во Собрание.
Зад Милошоски на прес-конференцијата стоеја 33-ца пратеници, меѓу кои и координаторот на пратеничката група Драган Данев, Илија Димовски, Влатко Ѓорчев, Крсто Јовановски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. Не беа присутни: Елизабета Канческа-Милевска, Даниела Рангелова, Никола Груевски, Панче Минов, Никола Попоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Владанка Авировиќ, Нола Исмајлоска-Старова и Зеќир Рамчиловиќ.
Апелациониот суд во Скопје денеска го пушти да се брани од слобода и Крсто Мукоски, последниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кој беше во куќен притвор за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, па тој може да оди на работа и да присуствува и гласа на собраниските седници. На 16 октомври, Кривичниот суд и скопската апелација ги ослободија со парична гаранција од 300.000 и 400.000 евра и колегите пратеници на Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ, кои исто така беа меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за време на организираниот напад во Собранието.
Потврдената затворска казна од две години за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, денеска стигна во Основниот суд Скопје 1 пред судија за извршување санкции. Печат во Кривичниот суд на пресудата од Апелација е удрен, со што таа стана правосилна. Според законот, од денеска тече рокот од 2 недели кога Груевски треба доброволно да се јави во затворската установа што ќе му ја одреди судијата за извршување санкции. Груевски е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконито влијание во набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од безмалку 600.000 евра.