Тачи: Македонија направи голем чекор кон зајакнување на мирот во целиот регион
Македонија е чекор поблиску до ЕУ и НАТО, откако беа обезбедени гласови за усвојување на иницијативата за уставни промени, со што се отвора патот за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија, оцени претседателот на Косово Хашим Тачи.
Тој ја поздрави одлуката, велејќи дека македонскиот Парламент вчера дал пример за единството на сите партии во корист на граѓаните и државата.
„Државата се зајакнува и интегрира кога се носат вистински одлуки во корист на народот и се надминуваат партиските интереси на сметка на државните. Република Косово се радува на оваа многу важна одлука на нашата соседна држава. Мирот и стабилноста во регионот се зајакнува само преку решителна потврда на евроатлантската ориентација и напорна работа за интегрирање во европското семејство”, напиша Тачи на Фејсбук.