Детали за убиството на новинарот Кашоги во Истанбул
Висок саудиски официјален претставник изнесе нова верзија за смртта на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, што е сосема поинаква од претходните.
Најновата верзија за настанот и ликвидацијата на Кашоги од страна на саудиски функционер под услов да остане анонимен открива нови детали. Група од 15 саудиски официјални лица беа испратени да се соочат со Кашоги и тие се заканиле на новинарот на 2-ри октомври. Требало да го дрогираат и киднапираат, а кога им се спротивставил, го убиле.
Еден од агентите потоа ја облекол облеката на Кашоги за да покаже како тој, наводно, го напуштил конзулатот. Саудиска Арабија, по две недели негирање на каква било вмешаност во исчезнувањето на Кашоги, во саботата призна дека е убиен во конзулат. Прво тврдеа дека случајно се случило во тепачка, а само еден час подоцна друг официјален претставник изјавил дека Кашоги бил задавен.
Турските инспектори се сомневаат дека телото на Кашоги е расечено на парчиња по убиството, но саудиски инсајдер тврди дека телото е завиткано во тепих и предадено на “локален соработник” за да се ослободи од него.
Заменикот на Саудиска разузнавачка агенција, Ахмед ал Асири испратил 15 лица во Истанбул, тврди анонимен официјален претставник. Тие требало “некое време” да го задржат Кашоги во безбедна куќа во близина на Истанбул, а потоа да го ослободат, ако на крајот не сака да се врати во својата татковина. Работите тргнале на лошо од самиот почеток, а членовите на тимот ги пречекориле своите овластувања и примениле насилство.
Кашоги бил однесен во канцеларијата на конзулатот каде што разговараше со Махер Мутреб за враќањето. Репортерот одби и му рече на Мутреб дека некој го чека надвор од зградата и дека ќе ги извести турските власти ако не го напушти конзулатот за еден саат, тврди инсајдерот.
Вереницата на Кашоги откри дека и ги дал своите два мобилни телефони и инструкции да го чека и да го повикаат асистентот на турскиот претседател ако не излезе.
Според анонимниот претставник на Саудиска Арабија, Кашоги му кажал на Мутреб во конзулатот дека ги крши дипломатските правила и го прашал дали “планира да го киднапира”.
Муртеб му одговорил дека ќе го “дрогираат и киднапираат”, за да го заплаши, што претставува кршење на целта на мисијата, вели инсајдерот, додавајќи дека новинарот потоа почнал да вика. Тогаш членовите на тимот се испаничиле и почнале да го замолкуваат за да престане да вика и тогаш го задавиле.
Со цел да се прикрие злосторството телото на Кашоги било завиткано во тепих и со службено возило го изнеле од конзулатот. Телото му било предадено на соработникот за да се ослободи од него. Форензичарскиот експерт Салах Тубаги ги отстранил сите траги од злосторството. Мустафа Мадани го искористил оделото на Кашоги, наочарите и саатот и го напуштил конзулатот низ задната врата, за да изгледа како тој да е новинарот. Мадани потоа отишол во областа Султанахмет, каде што се ослободил од тие работи.