Викендот 28-ми кон 29-ти овој месец во Македонија ќе почне зимското сметање на времето.
Стрелките на часовникот ќе се поместат, а согласно донесената одлука во Европа да се укине промената на времето, во Македонија се следи процесот на усвојување на предлог директивата и претстои усогласување на националното законодавство на РМ и определување на начинот на транспонирање на ЕУ директивата.
Иако биоритамот полесно се приспособува на поместување на часовникот назад отколку напред, сепак, несоницата и понатаму останува како најчеста нус-појава.
Идејата за поместување на времето ја осмислил иноватор, кој ја изнел пред своите колеги во 1784 година, бидејќи му пречело што губиме многу дневна светлина. Предложил напролет да се поместува часовникот напред, но идејата не му заживеала. Во почетокот на 20 век идејата први ја прифатиле Германците, а во бивша Југославија влегла дури во 1983 година. Додека северниот дел на планетата преминува на зимско, јужниот дел оди на летно сметање на времето.
Поместувањето на часовникот може да ја наруши хормоналната слика што предизвикува низа тегоби како што се мигрени, нервоза и депресија. Поради враќање на часовникот наназад, луѓето губат енергија и повеќе ги чувствуваат временските прилики.
Освен редовно вежбање и избегнување тешки оброци, важно е да воспоставите ритам на спиење. Ако порано сте легнувале во 23 часот, сега е најдобро да заминете на спиење во 22 часот. Одбегнувајте ги попладневните дремки зашто телото ќе мисли дека времето не се променило и приспособувањето ќе оди потешко и побавно.
И уште нешто – не заборавајте на витаминот Д, кој е многу важен за здравјето, а спречува и остеопороза, депресија… Затоа запомнете дека во зима, поради недостаток на сончева енергија, може да се појави негов недостаток. Во исхраната вклучете намирници како риба, жолчки од јајца, сирење, млечни производи…
Зимското сметање на времето трае до последниот викенд во март.