Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј ја поздрави одлуката на македонскиот парламент во поддршка на преспанскиот договор што е значителен чекор напред во евро-аталнтските интеграции на Република Македонија.
На денешната средба со премиерот Зоран Заев, било заклучено дека двотретинското мнозинство во Собранието за предлогот на пристапување кон уставните промени покажало дека е можно пратениците од власта и од опозицијата да работат заедно кога станува збор за клучните прашања за граѓаните и за државата, како што се интеграциите и реформите. Двајцата изразиле поддршка за зајакнување на консензусот во Парламентот за прашања од државен интерес.
„Ќе продолжиме во позитивна атмосфера, низ конструктивност и инклузивност, со пратениците во Парламентот, да работиме на нацрт уставните амандмани. Забелешките на пратениците од опозицијата кои дадоа поддршка на евро-атлантскиот интеграциски процес на Македонија, во врска со содржината на амандманите, се во духот на Договорот од Преспа. Исто така постои свест за значењето на помирувањето, кое што е неопходно, за да продолжат уште поактивно реформските процеси, важни за евро-атлантските интеграции, но и за економскиот развој на државата“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, во врска со реформите соопшти дека фокусот е на втората фаза од судските реформи, на антикорупциските закони, на реформите на УБК, на јавната администрација.
Амбасадорката Рејчел Галовеј соопшти дека Обединетото Кралство активно ја следи политичката ситуација во Македонија и дека дава принципиелна поддршка на помирувањето, кое што е важно за интеграциите на Македонија, а со тоа и за стабилноста на целиот регион.