Мијалков се огласи: Вчерашната одлука на ЦК е неисправна, ни треба обединување
Сашо Мијалков во изјава за порталот Прес24 рече дека со жалење ја примил одлуката на Централниот Комитет на неговата партија, бидејќи, како што вели, од формирањето на ВМРО ДПМНЕ па до денес, бил и ќе остане верен на идеите и постулатите на организацијата.
– Свесен сум дека партијата е соочена со многу предизвици и дека ова раководство, како и претходните, го очекуваат историски важни одлуки за иднината на Република Македонија и за ВМРО ДПМНЕ, вели Мијалков.
Тој нагласува дека одговорност на актуелното раководство е дали партијата ќе биде респектиран партнер во рамки на европските народни партии или ќе заглави во изолација, односно за доследност на историските принципи на партијата и стратешката ориентација кон ЕУ и НАТО.
– Како долгогодишен член и функционер, чувствувам потреба да кажам дека на партијата во овие моменти и е потребна инклузивност, а не исклучувачки политики. Во моментов на партијата и е потребно обединување и водење со разум , а не емоции. Во моментов на партијата не и е потребно креирање лажен наратив и непостоечки околности со кои што се оддалечуваме од стратешките определби и влегуваме во изолација. Дали актуелното раководство ќе ги прими овие добронамерни совети или ќе продолжи да продуцира невистини и да бара непријатели таму каде што ги нема е нивна одговорност. Мое е да потсетам дека партијата не е сопственост на актуелното раководство како што не беше сопственост на претходното или тоа пред него. Јас сум убеден дека синоќешната одлука не е исправна , но тоа нема да ме поколеба во мојата определба за натамошна поддршка на модерно, десноориентирано ВМРО-ДПМНЕ, кое заедно со сите сестрински партии ќе ги брани интересите на Република Македонија во Европската Унија, вели Мијалков.