Состанок во грчкото МНР: Директоратите за Балкан, Кипар и Турција во надлежност на Ципрас
Во присуство на замениците министри Маркос Боларис и Теренс Спенсер Куик, алтернативниот шеф на дипломатија Јоргос Катругалос, генералниот секретар на Министерството, директорот на дипломатската канцеларија на премиерот и раководителот на канцеларијата за меѓународни и европски односи, новиот министер за надворешни работи на Грција, грчкиот премиер Алексис Ципрас одржа состанок во грчкото МНР.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, според информациите, на состанокот станало збор за распределување на надлежностите, за постепено проширување на територијалните води на Грција, за односите со Турција и Албанија, но и за претстојната посета на Ципрас на Русија.
Директоратите за Балкан, Турција и Кипар ќе бидат во надлежност на премиерот и министер за надворешни работи, Алексис Ципрас, додека, пак, политичките директорати и директоратите ОН, НАТО ќе бидат паралелно во надлежност и на премиерот и на алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Се разговарало и за проширување на територијалните води на Грција, нешто што беше споменато од Никос Коѕијас за време на примо – предавањето на функцијата, кога рече дека се подготвени претседателските декрети, а вчера како што објави МИА, конкретната тема создаде нови тензии во грчко – турските односи.
На состанокот било решено да се разгледа како ќе бидат известени политичките партии за конкретната намера на Владата, да се разгледа можноста за свикување на Националниот совет за надворешна политика, а премиерот дал наредба да не се продолжи со претседателски декрет, туку со доставување соодветен нацрт закон во Парламентот.