Бошњаковски: Уште траат консултациите за нацрт-амандманите на Уставот
Уште траат координациите околу усогласувањето за измените на Уставот, изјави за МИА портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
– Во оној момент кога тие ќе бидат во пишана форма ќе бидат јавно објавени и доставени до Собранието за нивно финализирање, изјави Бошњаковски, не прецизирајќи притоа кога би можело тоа да се случи, по најавите дека дел од амандманите би можеле денеска да се достават до пратениците.
Петнаесетдневниот рок што му го даде Собранието на Владата за изготвување на нацрт-амандманите истекува следната сабота на 27 октомври, но премиерот Зоран Заев најави дека тоа би можело да се случи и пред овој рок.
Според текот на настаните, нацрт-амандманите, сепак, би требало да дојдат во Собранието до средината на следната недела.
Владејачките партии ја повикаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во разговорите за уставните измени, но се песимисти дека тоа би можело да се случи. Но, разговори за нацрт-амандманите извесно е дека ќе има со осумтемина пратеници што гласаа „за“ уставните измени, кои се очекува да формираат нова пратеничка група, како и пратениците Албанци.