На денешното судење за случајот „Траекторија“ на СЈО од СМС пораките кои беа репродуцирани на рочиштето можеше да се види како поранешните високи владини функционери, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, договараат патување и средба со Кинезите со цел договор за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.
Договарајќи го патувањето до Кина, од СМС пораките може да се слушне како Јанакиески му предлага на Пешевски да ги резервираат билетите за летот кој оди преку Виена бидејќи само на тој лет имало слободни места во бизнис класата.
Адвокатката на дел од обвинетите за случајот „Траекторија“, Татјана Николовска, имаше забелешка на тоа како обвинителката ги чита пораките, односно дека биле коментирани при читањето. Николовска исто така рече дека нема основни услови за репродуцирање на пораките бидејќи нема камера која ги снима пораките односно тоа што го чита обвинителката.
За овој случај има преку 300 СМС пораки за кои СЈО предложи да бидат ставени во записник, но да не се читаат една по една.
Адвокатот Дончо Наков, исто така, имаше приговор до Судот, да се стави камера која би ја снимала табелата на која стојат пораките. Според него спорно е тоа што фајлот со пораките е креиран на 05.03.2017 година.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се експремиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП државни патишта, Љупчо Георгиевски , за кои постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија изведувач за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата-изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.