Силен земјотрес во Грција, се стресе и Македонија
Во јужниот дел на Грција ноќеска беа регистрирани неколку земјотреси. Најсилниот од нив, 6,8 степени според Рихтер бил почувствуван и во Македонија, Албанија и Италија.
Првиот земјотрес бил регистриран половина час по полноќ бил со јачина од 5,1 степен, а најсилниот бил неколку минути пред еден часот рано утрово, со интензитет од 6,8 степени.
Епицентарот на земјотресите е на педесетина километри југозападно од Закинтос на длабочина од 10 и 12 километри.
Грчките медиуми јавуваат дека снабдувањето со електрична енергија на островот било прекинато, имало материјални штети, а исплашените жители излегле на улиците. Засега нема подетални информации за евентуално повредени.