Силен земјотрес со јачина од најмалку 6,4 степени по Рихтеровата скала го погоди грчкиот остров Закинтос рано утрово, а засега нема податоци за евентуални жртви.
Три лица биле повредени во земјотресот и се префрлени во болница, а службите издадоа предупредување за цунами.
Веднаш по потресот, на кратко снемало струја на островот, а има информации дека бил оштетен манастир од 15. век во областа Строфадес.
Грчкиот завод за геодинамика соопшти дека земјотресот бил регистриран во 2 часот и 54 минути по локално време и ја погодил областа околу 50 километри јужно од Закинтос, а потоа имало и низа умерени повторени потреси.
Земјотресот бил почувствуван во Грција, Италија, Малта, Албанија и Либија.
Европската агенција за земјотреси на Twitter објави дека е забележан мал пораст на нивото на морето за окоу 20 сантиметри и нагласи дека на локално ниво покачувањето би можело да биде и поголемо.
Грција лежи на две тектонски плочи и се смета за област подложна на земјотреси.